Заев рече дека и тој и другите министри ќе чекаат да им дојде редот за вакцина, согласно националниот план за имунизација на населението. Премиерот не кажа која вакцина би ја одбрал за себе ако има таква можност, туку рече дека ќе се вакцинира со било која вакцина што тогаш ќе биде достапна.
– Која вакцина ќе дојде, таа ќе ја примам. Верувам во сите вакцини. Треба да ја прифатиме секоја вакцина согласно редот како што доаѓаме за вакцинација. Јас, моето семејство, моите колеги од Владата, ќе ја примиме таа вакцина што ќе ја има, кога ние ќе дојдеме на ред, рече Заев.
На прашањето дали Владата може да објави јавно кои граѓани досега се вакцинирале против ковид-19, Заев рече дека треба да се провери дали е тоа дозволено поради заштитата на личните податоци.
– Самиот систем ако може да го отвориме, а да ги заштитиме личните податоци и здравствените права на граѓаните, тоа ќе го направиме. Но, има закони за тоа. Не смееме заради било какви лажни вести коишто се масовно присутни кај нас, да нарушиме одредени човекови или здравствени права на граѓаните. Ако системот тоа го дозволува, секако дека тоа ќе го направиме, а ако не дозволува, секој функционер поединечно може да се изјасни и да каже. Ние имаме група на комуникација во Владата. Пријавени сме на апликацијата за вакцина и го чекаме нашиот ред, согласно планот за масовната вакцинација на населението, изјави премиерот Заев.