На заедничката прес-конференција денеска во Охрид во рамки на „Преспа дијалог за соработка“, Заев повтори дека Македонија нема да отстапи од изнаоѓање заеднички прифатливо решение со Република Бугарија засновано врз европски вредности и стандарди.
– Посветени сме да работиме со добра волја на имплементација на Договорот за пријателство и добрососедство на сите области од заеднички интерес, вклучително и на Комисијата за историски прашања, но има некои прашања за кои не може да се преговара. Брисел треба чесно да се соочи со ситуацијата во која е ставена стратешката определба за натамошно проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан и да смогне сили да го објави тоа решение до Самитот ЕУ за Западен Балкан, кој ќе се одржи оваа есен, рече Заев.
Премиерот се осврна и на најавата за интензивирање на, како што рече, одличните билатерални политички, економски и културни односи со САД, посочувајќи дека постои огромен потенцијал за инвестиции на американските компании во Македонија.
– Тоа го потврдуваат дури десет американски компании кои вложија неколку стотици милиони долари во развој на свои капацитетите во ТИРЗ-овите во нашата земја, додаде Заев.
Според него, уште во првата година од членството во НАТО, земјава докажа дека е активна членка на Алијансата и ги дели заедничките вредности на сите сојузници.
– Потврдено ни е дека сме кредибилен сојузник со значителен удел во напорите на НАТО за мир и безбедност и во регионот и глобално, истакна премиерот Заев.
Помошникот државен секретар Рикер забележа дека, како што рече, храбрата дипломатија која Македонија ја остваруваше со Преспанскиот договор во комбинација со заложбата кон добрососедските односи помогнала да се обликува траекторијата на Западно Балканскиот регион кон ЕУ и НАТО, кој е важен за вас и за нас.
Администрацијата на Бајден, посочи тој, е фокусирана целиот регион да се ревитализира и да се подигне нивото на транзиција во трансатланската врска.
– Визијата на САД за Западен Балкан е постојана низ неколку децении. Идејата е да се постигне регион со мирни односи внатре и со своите соседи и целосно интегриран во евроатланската мрежа. Факт е дека Северна Македонија е Европа. Ова е европска земја, јас кога долетувам овде е во Европа. Тоа е вкоренето не само во вашата историја, туку и во вашата географија, нагласи Рикер.
Процесот кон пристапување кон ЕУ, посочи, ќе помогне да се положат темелите за попросперитетни и помирни времиња кои се засновани на темелните вредности и демократските начела. САД, нагласи, ги поддржуваат земјите членки на Унијата да ја одржат првата меѓувладина конференција со Македонија и Албанија и без одложување да ги остварат своите заложби и ветувања.