Заев на прес-конференција истакна:

-Многу често претседателот Радев кажува дека тоа не се решава во Брисел или Вашингтон и јас се согласувам – тоа се решава во Скопје или во Софија, билатерално, а пријателите што нè храбрат да изнајдеме решенија се секојпат добредојдени. На работниот состанок на 17 јуни мислам дека ги адресиравме сите детали, важни за нашата страна, важни за бугарската страна. Надежта останува да се оформи бугарскиот парламент и, пред сè, да се оформи политичка влада која ќе раководи со извршната власт на Република Бугарија, затоа што прашањето во Брисел се адресира преку Владата и верувам дека на вака заокружени решенија многу брзо ќе почне имплементацијата на патоказот кој носи добробит на граѓаните на двете земји во различни области

Одговарајќи на новинарски прашања, премиерот рече дека негова желба е Република Бугарија да формира Влада заради потребите на бугарските граѓани, но и затоа што од влада по вторите параламентарни избори ние очекуваме исчекор во решавање на проблемот.

-Во такви околности, се надевам дека ќе се формира Влада односно и трети избори, според мене, не гледам што ќе променат. Вторите избори менуваат нешто, имаат процент два, три – колку и да е промената, но дефинитивно политичката прагма вели дека треба да се биде рационален и да не се остава подолг период да се нема влада. Очекувањата ми се 50-50 – дали ќе се формира влада или ќе се оди на нови избори, знаејќи какви се резултатите и како се поставуваат односите на сите полтички партии кои добија чест и одговорност од бугарскиот народ да учествуваат во парламентот. Засега на повидок нема некои коалиции кои би поддржале заедничка влада односно би формирале парламентарно мнозинство, рече Заев на прес-конференција на која соопшти за новиот Предлог-закон усвоен од Владата – за материјално обезбедување на уште 1100 стечајци до нивното пензионирање.

Прашан за коментар за изјавата на Слави Трифонов за „северномакедонец во вселената“, одговори дека Владата нема да праќа реакција на претседател на секоја политичка партија, но ако е потребно, рече, и тоа ќе го правиме затоа што „ние сме Македонци од Република Северна Македонија кои зборуваат македонски јазик“. Додаде дека верува оти се работи за незнаење зашто двете земји се пријателски и никогаш немале проблем.

-Ние сме Македонци, ние зборуваме македонски јазик, како што нашите пријатели или браќа се Бугари и зборуваат бугарски јазик. Очекувам да се коригира затоа што е, сепак, политичка партија која доби најголема поддршка од граѓаните на Бугарија, а должност ни е да градиме пријателство и да оставиме добри односи кои ќе бидат од бенефит за идните генерации, додаде Заев.