-Овие избори се избори на личност, програми, проекти, идеи, и во едни такви околности должност е за сите е да водиме позитивна кампања. Нашата земја оваа година слави 30 години од независност и колку сме навистина созреани и колку сме општествено одговорни сите ние со секоја година и со секои наредни избори може да докажувеме. Тука пред се мислам на нас политичарите, но, секако и на кандидатите што се претставуваат со своите изборни програми, рече Заев.
СДСМ и коалицијата, додаде, ќе води исклучително позитивна кампања.
-Ова затоа што имаме со многу што да се пофалиме во овие четири години, за сите проекти што се реализираат 550 милиони евра се директни поддршки од Владата за локалната самоуправа. Времето што е пред нас ги дава сите причини да веруваме дека ќе биде уште подобро, дека навистина ќе има уште многу проекти и оти животот на локално ниво ќе биде уште попримамлив, пред се младите да остануваат тука, рече Заев во одговор на новинарско прашање по учеството на почетокот на манифестацијата Преспански јаболкобер.
Тој додаде дека досега било направено многу во сферата на инфраструктурата, но, како што рече, претстојат уште многу предизвици.
-Верувам дека во следниот четиригодишен мандат ќе ја завршиме неопходната локална инфраструктура, водоводите, канализациите, прочистителните станици, локалните патишта и се што е неопходно базично, но ќе доминира период на нашата посветеност на локалниот економски развој. Секој наш регион има свои предности, нагласи Заев, и ако бидеме сплотени и единствени веднаш по изборите сите да работиме за граќаните ќе ги мултиплицираме ефектите, истакна премиерот.
На прашањето зошто изборната кампања СДСМ со коалицијата ја почнува од Битола, каде што вечер од 20 часот ќе има централен настан, а претходно и средби со граѓани на Демир Хисар, премиерот одговори дека агендите се прават во координација со сите учесници на изборите и нивните штабови за да не се дуплираат кога се претставуваат на терен.
-Важен е целиот овој наш регион, Битола и Пелагонискиот регион, и Преспанскиот, и Охридско-струшкиот се многу важни од секој можен аспект и веројатно затоа при разговорите одлучивме да почнеме токму од Битола. Утре сме веќе во главниот град, па продолжуваме понатаму во Струмичкиот регион, изјави Заев.