– Имам право јавно да кажам и свое мислење за работа на независна инстутуција. Не мора да се согласувам со обвинителката и со тоа што таа го тврди, можам да се согласувам сто пати за сто случаи, за два-три или четири не можам и не морам да се согласувам. Но крајниот збор секако го има судот. Како што кажувам и во тоа интервју – пред фактите и доказите и боговите молчат и кога е пресудата донесена, секако јас можам и да не се согласувам, но сум должен да ја почитувам, и тоа е така. Во слобода јавно се коментира и јавно се кажува секој што мисли, и тоа е доказ дека заврши времето на раководење и управување со обвинителствата и судовите во Република Северна Македонија. Секако, никој не е виновен додека не му се докаже вина со правосилна судска пресуда, како што никој не е изземен од законите и од одговорност, без разлика дали припаѓа на власта, на опозицијата или воопшто не е политички определен, рече Заев одговарајќи на прашање на пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ.

Во интервју за „Фокус“ истакнувајќи дека поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски не ја злоупотребил функцијата, Заев оцени дека Рашковски не е виновен во моментов, туку ќе биде виновен доколку се исполни и докаже сомнежот за злоупотреба.

– И денес тврдам дека не ја злоупотребил функцијата и има спроведено кристално чисти јавни набавки. Останувам на ставот дека Владата може да нарачува софтвер без да праша никого, а на министерството е дали ќе го користи, вели Заев за „Фокус“ и се согласува дека неговото мислење не го обврзува Судот.