Респираторни проблеми кај деца, до хронични болести кај возрасните. Секоја година, како паѓаат температурите, така растат вредностите на штетните честички во воздухот. Според извештаите на УНИЦЕФ во 2024 година во Македонија, 11,6 проценти од смртните случаи кај новороденчињата се случуваат поради загадениот воздух. Аерозагадувањето е втор најголем ризик фактор за предвремена смрт алармираат докторите.

„1 од 9 смртни случаи на деца во Македонија според извештајот на УНИЦЕФ во 2024 година се должат на аерозагадување. 1 од 9 смртни случаи на новороденчиња до едногодишна возраст. Во февруари 2024 според истиот извештај на УНИЦЕФ, Скопје повторно се наоѓа меѓу десетте најзагадени градови.“– изјави докторот Антони Новотони.

Според независниот советник во град Скопје Димески, најголеми загадувачи на воздухот се домаќинствата и индустријата. Од таму вели дека свеста на граѓаните треба да се зголеми и апелира до надлежните да превземат мерки, а едни од предлозите беа да се забрани користењето на јаглен, да се субвенционира поставување на соларни панели на кровите од зградите, а оние граѓани кои имаат можнст, да се приклучат на централно греење.

„Да направиме попис на сите печки и оџаци во општината и на кафаните и на индустриските објекти и на домаќинствата пред се и да лоцираме доколку има пример еве домаќинства кои користат стари печки или несоодветни горива да дизајнираме некој облик на субвенции со кој ако се работи нели за семејства или лица во социјален ризик да им помогнеме да се заменат бидејки и нова печка многу помалку загадува.“– изјави Јане Димески, независен советник во град Скопје.

Денеска мерните станици покажуваат дека воздухот во Скопје е штетен за здравјето на чувствителните групи. Вредноста на ПМ честичките достигна 54 микрограми на кубен метар од дозволената вредност од 25. Владата најави дека интензивно преземаат мерки за намалување на аерозагадувањето, некои ќе можат веднаш да се реализираат, за други е потребно време, клучно е обезбедување на алтернатива за затоплување за домаќинствата, далечинско централно затоплување како и изградба на конегенеративни гасни централи.