Во Македонија има повеќе осуденици надвор од затвор отколку оние зад решетки. Врз основа на податоците од Управата за извршување санкции донесени се околу 2.800 решенија за граѓани кои треба да издржуваат затворска казна, но за полесни кривични дела. Во македонските затвори во моментов се наоѓаат 2.115 лица, а во притвор се околу 300 лица, пренесува TV21.mk.

„Во моментов во затворите во Северна Македонија има вкупно 2.115 осуденици и 296 притвореници кои издржуваат затворска казна. До сега до Управата за извршување санкции се пристигнати 2.798 акти, кои се уште не се спроведени“, велат од Управата за извршување на санкции.

Од друга страна, министерот за правда, Кренар Лога, до политичките партии достави предлог закон со кој предложи закон за амнестија, сличен на оној од 2018 година. Според Лога, целта на овој закон е да се понуди амнестија на оние кои се осудени за помали кривични дела, со цел да се создадат добри услови за затворениците во затворите.

„Идејата за законот за амнестија доаѓа затоа што дел од затворите се преполни, не се нуди потребната услуга, а тоа е ресоцијализација на оние граѓани на кои им е одземена слободата. Сега се обидуваме заедно со сите парламентарни партии да го вратиме во процедура истиот закон што беше изгласан во 2018 година и со ова сторителите на лесни кривични дела ќе можат да излезат на слобода и со тоа ќе можат да бидат ставени во функција затворите или воспитно-поправните установи во државата“, вели Кренар Лога.

Во најновиот извештај на американскиот Стејт департмент се наведува дека Македонија има нехумани услови во затворите, кои според Стејт департментот не само што спречуваат да не се постигне главната цел на затворот, а тоа е рехабилитацијата, туку напротив, поетои ризик затворениците да излезат од таму со уште поголеми криминални тенденции.