Двајца пациенти кај кои е потврдена западнонилска треска и натаму се во тешка здравствена состојба и се приклучени на апарати за дишење. Останатите четворица пациенти хоспитализирани на Одделот за невроинфекции се стабилни, информираат здравствените власти.

Инфектолозите предупредуваат дека кај пациентите кај кои вирусот предизвикал невролошки симптоми, следењето на здравствената состојба мора да продолжи и по излегувањето од болница. Опоравувањето, особено кај потешките случаи, може да трае со месеци.

Министерството за здравство веќе ги алармирало надлежните здравствени институции за потребата од следење и на пациентите кои ја прележале инфекцијата со потешки компликации. Според здравствените власти, епидемијата веќе стивнува.

Опозициската СДСМ, сепак, продолжува да ја обвинува власта за, како што велат од партијата, несоодветно справување со епидемијата.

„Бројот на заболени расте, а бројот на починати достигна осум. Не се ова само статистички бројки – ова се човечки животи. Клековски и Мицкоски не менаџираат со здравствената криза од западнонилска треска. СДСМ со недели предупредуваше дека власта задоцни со превенцијата од западнонилската треска. Задоцни со прскањето против комарци, задоцни со системските мерки и со навремената заштита на граѓаните“, соопшти СДСМ.

Според податоците на здравствените власти, заклучно со 8 септември годинава во земјата се потврдени вкупно 58 случаи на западнонилска треска, а регистрирани се осум смртни случаи. Сите починати биле мажи постари од 60 години од Скопје, а седум од нив имале и други придружни заболувања.