Денеска во Собранието продолжи регионалната конференција посветена на регионалната соработка и процесот на интеграција во Европската Унија на земјите од Западен Балкан, со фокус на улогата на парламентите и парламентарниот надзор во процесот на пристапување кон ЕУ.

Конференцијата ја отвори претседателот на Комисијата за европски прашања, Антонијо Милошоски, кој им се заблагодари на учесниците за присуството и изрази очекување дека дискусијата ќе придонесе за плодна размена на искуства и добри практики во насока на остварување на заедничката цел на земјите од Западен Балкан
– полноправно членство во Европската Унија.

Директорката на Институтот за европска политика, Симонида Кацарска, во својата презентација се осврна на парламентарниот надзор и неговото значење во процесот
на европската интеграција. Таа говореше за реформската агенда, односите со Европската Унија и заедничкиот пазар, специфичните барања во процесот на пристапување, како и за улогата на парламентите во земјите членки и надвор од Унијата.

Посебно внимание беше посветено на Западен Балкан од перспектива на Европската Унија, како и на различните форми и нивоа на парламентарен активизам во европски
рамки.

Во заклучокот од презентацијата беше истакнато дека парламентот, како носител на законодавната функција, претставува значаен чинител во процесот на пристапување
и полноправно членство во Европската Унија.

Неговата улога е особено важна преку законодавната и буџетската функција, ратификацијата на меѓународните договори и следењето на спроведувањето на законите и реформите.

Потпретседателот на Собранието ги запозна учесниците со начинот на функционирање и со механизмите преку кои Собранието ја остварува својата надзорна функција, како значаен дел од демократскиот процес и европската интеграција.

По презентациите се отвори дискусија во која учесниците разменија мислења и искуства за улогата на парламентите во процесот на европската интеграција, по што
заврши првиот дел од денешната конференција.

Во вториот дел од конференцијата, експертот Александар Андрија Пријовиќ даде осврт на предлозите за проширување и пристапување, поднесени од страна на земјите членки во однос на земјите кандидатки, во периодот од 2019 до 2026 година.

Тој истакна дека процесот на проширување на Европската Унија се наоѓа во период на значајни промени. Новите геополитички околности и безбедносните предизвици со
кои се соочува Унијата создаваат потреба од нов пристап кон политиката на проширување.

Во своето излагање, тој ги презентираше седумте non-paper предлози на европските земји во врска со процесот на пристапување кон ЕУ. Притоа, истакна дека станува
збор за предлози, а не за формални договори, и дека тие подлежат на можни измени и дополнувања.

Како клучни прашања во процесот на пристапување и натаму остануваат владеењето на правото и климатските промени. Дополнително, тој посочи дека не е исклучена
можноста за промени во методологијата на процесот на пристапување кон Европската Унија.

Конференцијата ја затвори потпретседателот на Собранието и претседател на Комисијата за европски прашања, Антонијо Милошоски.