Запленети 271 килограм кокаин во Солун

Во контејнер со пратка од Латинска Америка, кој пристигнал на пристаништето во Солун, грчката полиција пронашла 271 килограм и 150 грама кокаин. Проценетата вредност на дрогата надминува 5,5 милиони евра. По акцијата, уапсени се три лица, членови на криминална организација со меѓународен карактер.

Информации од британската полиција довеле до акцијата

Грчките власти соопштија дека групата била разбиена врз основа на информации добиени од Националната агенција за борба со криминал на Обединетото Кралство, поврзани со транспорт и увоз по морски пат на голема количина кокаин. Во средата, во специјален дел на контејнерот на солунското пристаниште, била откриена дрогата, а во саботата тројцата осомничени биле приведени во атинско предградие.

Организирана структура и голема добивка

Уапсените, на возраст меѓу 32 и 47 години, имале различни улоги во увозот и трговијата со дрога. Според проценките на грчката полиција, нивната нелегална финансиска корист од продажбата на запленетата количина би надминала 5,5 милиони евра.