Стотици стари монети биле пронајдени во автомобил на македонски државјанин при гранична контрола на Табановце. Поради сомнение за кривично дело, 39-годишен маж од Куманово бил приведен.

Инцидентот се случил на 25 декември во 20:18 часот, при влез во државата на граничниот премин Табановце. Полициски службеници при рутинска проверка запреле патничко возило „фиат“ со швајцарски регистарски таблички, управувано од Ф.С. од Куманово.

При извршена детална контрола на возилото, полицијата пронашла и одзела вкупно 271 стара монета со различни големини и форми. Според првичните информации, монетите потекнуваат од различни историски периоди.

Осомничениот бил лишен од слобода и задржан во полициска станица, а за случајот бил известен и надлежен јавен обвинител.
По целосно расчистување на настанот, против него ќе биде поднесена кривична пријава за внесување на противправно прибавени добра што претставуваат културно наследство.