Договор со обвинителството за затворски казни

Двајца од осомничените за шверцот на пет тони марихуана од Македонија во Србија признале вина и склучиле предлог-спогодби со обвинителството. Основниот кривичен суд Скопје на 10 август донел две пресуди, со кои на едниот му е изречена затворска казна од три години и шест месеци, а на вториот три години и осум месеци.

Пратката била запленета во Србија

Акцијата се случила кон крајот на јануари, кога српската полиција открила и запленила пратка од пет тони марихуана која пристигнала од Македонија. Во рамки на истрагата на ОЈО ГОКК биле опфатени шест лица, а двајца од нив признале дека го сториле кривичното дело за кое биле осомничени.

Меѓу уапсените и косопственик на фирма за канабис

Меѓу уапсените бил и српскиот државјанин Иван Драгниќ, косопственик на фирма во Македонија за одгледување медицински канабис, заедно со уште тројца српски државјани. Станува збор за „АЛПХАПХАРМ ГРОУП“ ДОО Скопје, основана во 2023 година, со основна главнина од 529.050 евра. Осомничените се товарат за кривичното дело „неовластено изработување и пуштање во промет на наркотична дрога, психотропни супстанции и прекурсори“.