Средба со семејството и поддршка за иницијативата
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски синоќа се сретна со родителите на Фросина Кулакова, чија смрт со прегазување на булеварот Партизански одреди во Скопје предизвика силна реакција во јавноста и граѓански протести. Тошковски присуствуваше на свеченото отворање на Фондацијата „Фросина Кулакова“, иницијатива што, како што посочи, произлегла од голема лична болка, но и од желба да се спречат идни трагедии во сообраќајот.
Порака за сообраќајната безбедност
Во објавата на социјалните мрежи, министерот нагласи дека Фросина била млада девојка со живот пред себе, кој прерано и неправедно бил прекинат во сообраќајна несреќа. Според него, случајот не е само трагедија за едно семејство, туку и потсетник за сите граѓани колку е кревка безбедноста во сообраќајот и колку сериозно мора да се сфати одговорноста зад воланот.
Донаторска вечер и цели на фондацијата
Со донаторската вечер под наслов „Threads of Light“, официјално започна работата на Фондацијата „Фросина Кулакова“. Настанот беше посветен на уметноста, креативноста и солидарноста како средства за сеќавање, дијалог и подигнување на општествената свест. Во рамки на вечерта беа изложени и ставени на хуманитарна аукција дела од македонски уметници и креативци од различни области. Средствата собрани од настанот ќе бидат наменети за развој на програмите на фондацијата, со фокус на психосоцијална и правна поддршка за семејствата погодени од сообраќајни трагедии, како и за формирање фонд за стипендирање млади талентирани уметници.
