Општина Илинден започна со целосна реконструкција на три улични краци во населените места Марино и Кадино, продолжувајќи со интензивна реализација на проектите за унапредување на локалната патна мрежа.
Овие градежни зафати се спроведуваат во рамки на официјалната општинска Програма за реконструкција, рехабилитација и санација на локални улици и патишта.

Градежните активности на терен опфаќаат комплетно обновување на два краци од улицата „531“ во населеното место Марино, како и еден крак од улицата „7“ во населеното место Кадино, со што е опфатена вкупна должина од околу 650 метри. На овие сообраќајници претходно беше целосно поставена потребната комунална инфраструктура, со што се создадоа неопходните технички услови за нивна финална патна реконструкција.

Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, изврши непосреден увид на терен во почетокот на градежните работи и ја нагласи важноста на овие зафати за локалното население.
„Реализацијата на овие активности е од особено значење за жителите на Марино и Кадино, бидејќи ќе придонесе за подобрување на условите за секојдневно одвивање на сообраќајот и за поголема безбедност на сите учесници во истиот“, истакна Георгиевски.

Општина Илинден најави дека и во претстојниот период ќе продолжи со реконструкција и санација на локалните улици и сообраќајни правци, следејќи ги утврдените приоритети и барања на жителите. Посебен фокус ќе биде ставен на локациите каде што претходно се реализирани приклучоци за фекална канализациска и водоводна мрежа, со цел да се обезбедат поквалитетни и побезбедни услови за секојдневен живот на сите граѓани.
