Во Општина Велес започна реализацијата на четиридневните обуки во рамките на мерката „Поддршка за самовработување – претприемништво“ од Оперативниот план за вработување за 2026 година. Програмата ја спроведува Агенцијата за иновации, научнотехнолошки развој и претприемаштво – ИНОВА во партнерство со Агенцијата за вработување, а пред кандидатите се обратија заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески, директорката на ИНОВА Даниела Димовска, заменик-директорката на Агенцијата за вработување Весна Пешова и градоначалникот Марко Колев.

За мерката оваа година се пријавиле околу 5.500 кандидати кои конкурираат за грантови во висина од 7.000 до 10.000 евра по лице, односно од 14.000 до 20.000 евра доколку две лица се здружат во друштво со ограничена одговорност.

„Овие четиридневни обуки се задолжителни за сите кои ја поминаа првата селекција и со истата учесниците ќе добијат посеопфатна подготовка и практични знаења за започнување и развој на сопствен бизнис“, кажа Ристески.

Заменик-министерот нагласи дека Владата и ресорното министерство ќе останат сигурен партнер за новите претприемачи со цел креирање нови работни позиции и економски раст.

Обуки за самовработување во Велес

Директорката на ИНОВА посочи дека институционалната стручна помош нема да престане по регистрацијата на фирмите, туку ќе продолжи преку постојано менторство.

„Нашата помош за вас продолжува и понатаму преку менторска поддршка од искусни ментори на ИНОВА, со цел новите бизниси да се одржат, развиваат и растат. Затоа, нашата порака до вас е да го искористите овој процес максимално – да бидете активни, да поставувате прашања, да ги развивате своите идеи и внимателно да ги преточите во реални и одржливи бизнис планови. Претприемништвото не е само можност за самовработување, тоа е можност за економска независност, личен развој, создавање нови работни места и придонес кон развојот на локалната економија“, кажа Димовска.

Процесот на обуки низ државата опфаќа над 3.000 лица со цел изготвување на 2.628 бизнис планови. Како новина за 2026 година, времетраењето на предавањата е продолжено од два на четири дена за потемелна подготовка на идните претприемачи.