– Засега нема план и препорака за тестирање на децата. Прибираме искуства од некои европски земји и ќе анализираме оваа недела. Секако, сè што може да значи дополнителна заштита на здравјето, ние ќе го воведеме. Меѓутоа, мора да бидеме сигурни дека сето тоа што ќе го донесеме навистина ќе биде ефективно односно ќе даде некаков резултат и од тоа да се извлечеме некоја поука, рече министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференцијата на која беше промовирана кампањата „Вакцинирај се!“

Посочи на антиковид-протоколите утврдени од МОН и Комисијата за заштита од заразни болести за реализација на наставата со физичко присуство и соопшти дека околу 65 проценти од сите вработени во училиштата се вакцинирани, а сличен е процентот, рече, и на вакцинирани негувателки и воспитувачки во градинките.

– Во континуитет трае комуникацијата и повиците од МОН и од МТСП до вработените преку директорите на школите и градинките тој опфат дополнително да се зголеми, истакна Филипче одговарајќи на новинарски прашања.

Зравствените работници кои работеа со ковид-пациенти рече се 100 отсто имунизирани, а околу 75 отсто од вкупниот број вработени во здравството.

И министерката за образование и наука Мила Царовска при денешната посета на Штипскиот универзитет повтори дека од 1 септември училиштата ќе бидат отворени за сите ученици и дека тоа е прво и најпосакувано од трите сценарија за почеток на новата учебна година, поддржано од меѓународни организации како УНИЦЕФ и ОЕЦД и практично имплементирано од развиени земји.

Второто сценарио е хибриден модел – наизменично една недела едни ученици во училница, а половина од паралелката да следат онлајн, и третиот модел, како минатата учебна година – физичко присуство за едни ученици, а за други во континуитет наставата да биде на далечина.

Според МОН, ќе се следи епидемиолошката состојба и препораките од Комисијата за заштита од заразни болести и доколку се влоши и се зголеми ризикот за ширење на заразата, подготвени се веднаш да го променат моделот на настава односно да ги применат двете резервни сценарија.