Проценката на Комисијата за заразни болести засега е дека викендот и на почетокот на следната недела ќе имаме резултати од полицискиот час што беше воведен пред десетина дена.

Заклучокот и ставот е дека на почетокот на следната недела ќе прават нова проценка.

-Спремни сме да препорачаме и дополнителни рестрикции, но во секојдневна консултација и со тимот што ги координира приемите во болничките капацитети, секако и членовите на Комисијата за заразни болести, засега сметаме дека дополнителни рестрикции не се потребни, изјави вчера министерот за здравство Венко Филипче.

За учениците од прво до трето одделение дали се планира да ја следат наставата онлајн, генерално рече дека тоа не се однесува за територијата на целата држава и за сите училишта.

– Станува збор само за поединечни училишта таму каде има проценка од страна на епидемиолозите дека таква мерка треба да се препорача, а за заштита на учениците и наставниците во тие одделенија. Значи сега е препораката да се продолжи вака како што е планиран системот, рече Филипче.

Состојбата со ковид во детските градинки, како што рече вчера министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, е стабилна и тие остануваат и натаму отворени. Ситуацијата се следи постојано и нови мерки би можеле да бидат донесени согласно развојот на епидемиолошката состојба. Додаде дека секоја недела се прави пресек на позитивни вработени и деца згрижени во градинките.

Забрана за движење на населението во временски период од 22 до 5 часот наутро беше воведена на 10 март, а истата треба да заврши на 22 март.