Балансот помеѓу фискалната консолидација, обезбедувањето економски раст и спроведувањето мерки за заштита на стандардот на граѓаните и поддршкaта на економијата се клучни во услови на континуирана и продлабочена геополитичка неизвесност, порача министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.
– Светот денес се наоѓа во период на континуирана и продлабочена геополитичка неизвесност, во кој меѓународните случувања сè посилно се прелеваат врз економските текови, трговијата и врз финансиските пазари. Во вакви услови, економиите функционираат во средина на постојани шокови. По пандемијата, енергетската криза, инфлацискиот бран и нарушувањата во глобалната трговија, денес се соочуваме со нов слој на геополитичка нестабилност кој ја отежнува предвидливоста на економските политики и бара постојана адаптација – истакна министерката Димитриеска Кочоска во обраќање на панел дискусија на тема „Обликување на иднината на проценувањето во услови на брзи промени“.
Министерката нагласи дека главниот канал преку кој овие кризи се прелеваат врз светската економија се цените на енергенсите, кои во услови на неизвесност стануваат исклучително чувствителни на секое нарушување во снабдувањето.
– Македонската економија, како мала и отворена, е директно изложена на предизвиците со кои се соочуваат и Европа и светот, токму затоа е потребно внимание, затоа што секоја алка во синџиот е важна доколку сакаме да ги намалиме последиците – рече таа на на 9. Меѓународна конференција „Влијанието на геополитичките промени и вооружените конфликти врз процесот на проценување“ што во организација на Комората на проценувачи се одржа денеска во Охрид.
Министерката посочи и дека веќе е отпочнат процес на ревидирање на постоечката методологијата за проценка на вредноста на недвижниот имот, во насока на попрецизна регулација за даночни цели.
Извор: Plusinfo
