Строги санкции за компаниите кои ги надминале дозволените маржи

Осум правни субјекти, меѓу кои три маркети, една аптека и тројца од најголемите увозници на овошје и зеленчук, ќе бидат затворени на 15 дена поради непочитување на владините мерки за ограничување маржи. Покрај привременото затворање, компаниите ќе се соочат и со значителни парични казни.

Стојкоски: Откриени маржи и до 70 отсто

Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски, изјави дека контролите откриле дека некои од овие компании остварувале екстремно високи маржи, далеку над утврдените граници.

Владата ќе воведе ограничување на маржата наместо замрзнување на цените – мерка за есенската потрошувачка кошничка која опфаќа 100 прехранбени производи

“Нашите инспекции утврдија неправилности кај осум компании, каде што маржите достигнувале и до 70 отсто. Како резултат на тоа, тие ќе бидат привремено затворени, а ќе се соочат и со соодветни парични казни,” изјави Стојкоски на прес-конференција.

Продолжуваат инспекциите и истрагите

Стојкоски информираше дека во моментов се обработуваат дополнителни 30 предмети поврзани со големи маркети, а инспекторите продолжуваат со теренски контроли.

“Инспекторите се постојано активни на терен и без прекин вршат контроли. Во моментов работиме на 30 дополнителни случаи кои се однесуваат на поголемите трговски синџири,” истакна директорот на Инспекторатот.

Голем број контроли и санкции во изминатиот период

Во периодот од 24 февруари до 6 март, Државниот пазарен инспекторат спроведе вкупно 365 инспекции во малопродажните објекти и 64 во големопродажните. Со оваа мерка беа опфатени повеќе од илјада трговски субјекти. Во тие контроли беа утврдени 36 неправилности, а издадени се прекршочни платни налози во вкупен износ од 42.000 евра.

И покрај овие прекршувања, Стојкоски оцени дека владините мерки во најголем дел се почитуваат. Сепак контролните активности ќе продолжат со поголем интензитет.