Со уметност, музика и изложбени поставки беше заокружено овогодишното издание на Карпошовото културно лето 2026. Завршната програма беше посветена на културата, творештвото и заедништвото, со содржини наменети за посетители од различни генерации.
Во рамките на завршната изложбена поставка, посетителите имаа можност да ги разгледаат делата на „Нерешките мајстори“, уметничките дела создадени во рамките на ликовната колонија, како и скулптурите од патувачката изложба „РеАрт“.
Посебно место во програмата имаа плакатите посветени на творештвото на Горан Стефановски. Преку визуелниот јазик, тие потсетија на неговото исклучително книжевно и драмско наследство.
На последниот ден од манифестацијата беа изложени и макетите што ги изработија и ги обоја најмладите учесници во рамките на детската интерактивна работилница, одржана на почетокот на Карпошовото културно лето.
Целокупната изложбена програма беше проследена со звуците на мандолинскиот оркестар на Ерхан Шукри. Музичкиот настап придонесе за создавање посебна атмосфера на завршната вечер и заокружување на уште едно културно лето во Карпош.
На затворањето присуствуваше градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, во придружба на претседателот на Советот, Христо Саракинов. Во својот говор, Лукровски им се заблагодари на сите кои беа дел од манифестацијата.
„Она што го најавивме како слоган, се претвори во вистинско доживување. Во изминатите денови уживавме во музички концерти, детски работилници, гледавме македонски филмови, започнавме да го цртаме муралот, се восхитувавме на уметноста, пеевме во хор, се забавувавме, бевме заедно и ширевме љубов низ Карпош“, посочи Лукровски.
Градоначалникот нагласи дека во фокусот на овогодишното Карпошово културно лето биле македонските уметници, музичари и домашниот филм.
Според него, програмата имала цел да придонесе кон поддршка и промоција на домашното културно творештво, традицијата и фолклорот.
