Евалуација на понудите и избор на изведувач
Комисијата за јавна набавка, составена од стручни лица, по спроведената евалуација на четири пристигнати понуди утврди дека три економски оператори не ги исполнуваат условите од јавниот повик. Врз основа на тоа е направен прелиминарен избор и даден предлог за најповолен понудувач, информираат од Министерството за транспорт.
За најповолна е избрана заедничката понуда на унгарската компанија „Електробус – Икарус“ и австриската „ЕВН“, кои ги исполниле сите критериуми од тендерот. Тие доставиле и најниска понудена цена, која изнесува околу 314 илјади евра по автобус, односно 19 милиони 350 илјади денари.
Испорака, технички услови и рокови
Според одлуката, „Икарус“ ќе ги испорачува електричните автобуси, додека „ЕВН“ ќе ги поставува станиците за полнење. Набавката опфаќа 150 електрични автобуси и 75 станици за полнење.
Автобусите треба да имаат минимална моќност од 300 kW и капацитет од најмалку 66 патници. Предвиден е и автоматски климатски систем за ладење и греење. Возилата мора да бидат одобрени согласно Европската директива 2018/858.
Избраниот оператор има обврска за одржување и поправки во период од 10 години, како и обезбедување резервни делови.
Испораката е предвидена во три фази. Во првите шест месеци треба да пристигнат 30 автобуси и 15 станици. Во рок од 12 месеци се планирани дополнителни 60 автобуси и 30 станици, додека последната фаза од 60 автобуси и 30 станици е предвидена за 18 месеци од потпишување на договорот.
По донесувањето на одлуката е предвиден рок од 10 дена за жалба.
