Дводневната меѓународна конференција во Швајцарија за обновата на Украина по војната со Русија заврши денеска со потпишување на Декларација од Лугано, која содржи голем број принципи што ќе го водат процесот на обнова и закрепнување.
Потписниците на Декларацијата, претставници на повеќе од 40 земји и меѓународни организации, вклучувајќи ги и Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) и Европската инвестициска банка (ЕИБ) ветија политичка, финансиска и техничка помош за Украина, која тврди дека обновата на земјата би можела да чини до 750 милијарди американски долари.
Потписниците, исто така, ја осудија руската воена агресија и ја повикаа Москва да ги повлече своите трупи од Украина.
Во Декларацијата се наведува дека земјата треба да спроведе внатрешни реформи, а од принципите ЕУ посебно наведува дека Киев мора да постигне напредок во областа на владеењето на правото, ставањето под контрола на олигарсите, борбата против корупцијата и обезбедувањето основни права, транспарентност, одговорност и почитување на законот.
ЕУ бара и родова еднаквост, инклузивност и одржливост.
-Ефикасното и транспарентно владеење и ефикасната и брза координација меѓу донаторите и владата се клучни за закрепнувањето, рече Алфред Камер, директор на европската филијала на ММФ.