Заврши операцијата на Љупчо Костадиновски, таткото на исчезнатиот внук на Љубе Бошкоски, Самоил. Тој се наоѓа во стабилна состојба и е задржан во болница, пренесува Точка.мк.

Во денешното пукање Костадиновски се здоби со две повреди, едната во делот на рамото, а другата во надлактицата, дознава „Макфакс“.

Пукањето се случило кога таткото на Самоил се движел кон семејната куќа во Лисиче, а напаѓачот пукал од мотор во движење.

„Денеска во 08.38 во СВР Скопје е пријавено дека на подрачјето на Аеродром едно лице пукало и го повредило 57-годишниот Љ.К. пред неговиот дом. Повредениот бил пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ за укажување лекарска помош. Полициски екипи извршија увид и во координација со јавен обвинител се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопштија од МВР.

За исчезнувањето на Самоил пријавил неговиот 32-годишен брат во осум часот наутро на 4 март по што од МВР биле преземени соодветни мерки за негово пронаоѓање. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, потврди дека се постапува по случајот со исчезнувањето на 26-годишното момче, кое, според пишувањата во медиумите, е роднина на политичарот и лидер на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски.

Она што досега е познато, како што посочи министерот, е дека се уапсени две лица во однос на овој предмет и дека е поднесена кривична пријава за грабнување.