По средбата, Тито Петковски, претседател на НСДП во изјава за медиумите рече дека разговарале околу тоа што како коалиција треба да направат за земјава да не се втурне во предвремени парламентарни избори.

– Мислам дека на Македонија во овој момент не и се потребни вонредни парламентарни избори. Мислам дека е добро што се зголемува парламентарното мнозинство за уште четири пратеници. Останува еден од БЕСА и четворица од Алтернатива што сметам дека е пристојно парламентарно мнозинство, рече Петковски.

Според него, Алтернатива го искористила моментот кога на Владата и треба помош, да истапи со „максималистички“ барања. Вели дека не станува збор за зачувување на државните интереси, туку преферирање на партиските интереси да се добие политички профит и функции, наместо на прво место да се евроинтеграциите.

– Ако гледате низ призма што се нуди со зголемувањето на парламентарното мнозинсво и што бара Алтернатива, проценител ќе каже дека Алтернатива бара многу од СДСМ и коалицијата. Местата што ги бара Алтернатива досега биле покриени од други политички партии. Не станува збор за новоотворени места, туку за места кои ги имале СДСМ, ДУИ, БЕСА и ДПА. Не се измислуваат нови работни места. Тоа ќе го добиете како детално објаснување и од премиерот и од Алтернатива, рече Петковски.

Додаде дека како партија не бараат ништо и оти е најважно да се зголеми парламентарното мнозинство и Владата да има сигурна поддршкка.

Мирослав Јовановиќ од Српска странка изјави дека преговорите ќе траат уште недела дена.

– После кога ќе биде новиот претседател на СДСМ кој ќе се избере на 12 декември, заедно со премиерот да седнеме и да се договирме за сите детали, мислам дека идната недела околу 14-ти треба да се договориме за сите детали, рече Јовановиќ.