Делегација на Владата, предводена од премиерот Димитар Ковачевски, попладнево имаше средба со Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), на која е договорено продолжување на континуираниот дијалог со цел изнаоѓање одржливи и системски решенија, соопшти владината Прес-служба.
– На средбата се разговараше за барањата на СОНК и на истата е донесен заеднички заклучок дека Владата е отворена за континуиран дијалог со цел изнаоѓање одржливи и системски решенија кои ќе постават рамка која ќе го заштити стандардот и интегритетот на наставниот кадар, а со акцент на стартната позиција врзана со социјалниот статус на вработените во воспитно-образовниот систем како основ за понатамошните разговори, се наведува во соопштението.
Во состав на владината делегација покрај Ковачевски, биле и вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи и министрите за образование и наука и за финансии, Јетон Шакири и Фатмир Бесими. Делегацијата на СОНК ја сочинувале претседателот Јаким Неделков и членови на Советот на Синдикатот.
Претходно, Неделков на фејсбук-страницата на СОНК објави дека целта на средбата е постигнување договор за исполнување на нивното барање за зголемување на платите, односно усогласување со минималната плата во дејностите што ги покрива – образование и детска заштита.
Членството од регионите на Синдикатот се изјасни за генерален штрајк доколку не се исполнат нивните барања. СОНК бара усогласување на платите во образованието со минималната плата, која од овој месец се зголемува од 15.200 на 18.000 денари и дополнително минималната плата да биде основица со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работни места.
СОНК бара корекции на платите и за вработените во градинките, како и усогласување со минималната плата во високото образование и за вработените во ученичките и студентските домови.