„Шоуто на Елен Деџенерис”, кое ги забавуваше Американците уривајќи стереотипи и беше домаќин на најголемите ѕвезди, завршува по речиси две децении, 19 сезони и повеќе од 3.000 епизоди.
По нејзиниот успех како комичар во 1980-тите, Деџенерис се прослави со серијата „Елен“, во којашто во 1997 година стана првиот лик од ТВ-серија кој ја призна својата хомосексуална ориентација. Прва гостинка во 2003 година беше глумицата Џенифер Анистон, која ќе се појави и во последната епизода денеска. Најголемите холивудски ѕвезди често гостуваа во ова „ток-шоу“, коешто се здоби со популарност и во поконзервативните делови на Америка.
– Таа го отвори патот. Таа веројатно беше, а можеби и сѐ уште е најпознатата ЛГБТ-личност во Америка, изјави Мери Марфи, вонредна професорка по новинарство на Универзитетот на јужна Калифорнија.
Шоу-ѕвездата вели дека емисијата веќе не ѝ е предизвик. Таа го водеше ток-шоуто 19 години.
– Кога ја почнавме емисијата во 2003 година, социјалните мрежи не постоеја. Истополовите бракови не беа легални… Гледавме како се менува светот – понекогаш на подобро, но понекогаш – не, изјави Деџенерис минатиот месец по снимањето на последната епизода од емисијата.
Водителката-комичарка вели дека емисијата се прекинува затоа што луѓето ја изживеале, но многумина сметаат дека вистинската причина е „штетната работна атмосфера“ на снимањето, како и обвинувањата за сексуални напади, вознемирување и расизам. И главните продуценти пред извесно време изјавуваа дека средината во којашто се снима е лоша. Елен Деџенерис не беше директно обвинета, но е огорчена што дозволила да се создаде таква работна атмосфера во нејзиниот ТВ-тим.