Екс генералниот секретар на Владата, Мухамед Зекири излегува од куќен притвор, а судењето против него продолжува по одредба која предвидува поблага казна. Ова е последица од измените на Кривичниот закон (КЗ) со кои се намалија казните за делото злоупотреба на службената положба за кое одговара Зекири.
Измените на Кривичниот законик предизвикаа промени и на судењето за екс генералниот секретар на Владата, Мухамед Зекири. Делото му е преквалификувано, а куќниот притвор укинат. Наместо ставот 5 кој беше избришан зо измените на КЗ сега ќе одговара за став 4 од делото злоупотреба на службената положба кој предвидува казна затвор од најмногу пет години. По стариот член му се закануваше казна затвор од најмалку пет до максимални 20 години.
„Поднесениот обвинителен акт е трансформиран во обвинителен предлог, согласно измените на Кривичниот закон од септември 2023, кои што предвидуваат поблаго казнување за обвинетиот. Врз основа на тоа е извршена измена на диспозитивот на сега поднесениот обвинителен предлог во делот на опфатот на законските елементи на кривичното дело кое му се става на товар“, вели Катерина Коларевиќ, обвинител во ОЈО ГОКК.
Ваквите измени придонесоа да се води скратена постапка, според која притворот може да трае најмногу 60 дена. Овој рок е веќе надминат и на предлог на обвинителката, судијката му го укина куќниот притвор и му определи мерки на претпазливост – одземање на пасош, забрана за напуштање на градот и јавување во суд.
Поради промените во обвинението, судењето против не го почна од почеток и Зекири повторно се изјасни дека е невин. Тој го негира обвинението според кое ја злоупотребил службената положба со два договора за консултантски услуги склучени без тендер, со што сторил штета на буџетот од над еден милион евра. Првиот договор е за процена на вредноста и длабинско снимање на АД Пошта, а вториот за потенцијална приватизација на Железници Транспорт.
Според измените на КЗ, рокот за апсолутна застареност за сите злоупотреби е 10 години, но за Зекири е сè уште далеку од застарување, затоа што според обвинението делото го сторил во периодот од 2021 и 2022.