Киев се залага за нова рунда мировни разговори со посредство на САД, а украинскиот претседател Володимир Зеленски очекува до есен да биде организирана трилатерална средба со Русија. Тој изјави дека Украина сака што побрзо да го разгледа американскиот предлог за продолжување на дипломатските напори и нагласи дека состанокот би можел да се одржи уште овој месец доколку се создадат услови.
Зеленски ова го изјави на заедничката прес-конференција во Киев со ирскиот премиер Михол Мартин. Притоа, тој се осврна на предлозите што, како што рече, ги добил за време на телефонскиот разговор со специјалниот американски пратеник Стив Виткоф и со Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп.
Украинскиот претседател истакна дека Киев сака во најкус можен рок да разговара за американскиот предлог. Потоа, според досегашната практика, Вашингтон би требало да ги продолжи разговорите со Москва.
– Потоа, ако увидиме дека имаме можност сериозно да разговараме за тој план, мислам дека ќе има трилатерална средба. Секако, сето тоа треба да го направиме до есен – рече Зеленски.
Тој додаде дека Украина би сакала таквата средба да се одржи уште овој месец.
– Но, не зависи сè од нас. Американците сакаат средба, но не смееме да заборавиме дека нивното внимание сега е насочено кон Иран – истакна украинскиот претседател.
По средбата со ирскиот премиер, Зеленски изјави дека разговарале за заканите и предизвиците со кои Украина ќе се соочи во пресрет на есента.
Воедно, тој ја поздрави одлуката на Европската Унија за усвојување нов пакет санкции против Русија.
„Ова е веќе 21-от пакет санкции, а денеска Михол ме увери дека ќе работи и на подготовката на 22-от пакет“, напиша Зеленски на Икс.
Тој ѝ се заблагодари на Ирска и за подготвеноста да продолжи да ја поддржува Украина на патот кон членство во Европската Унија за време на нејзиното претседавање со Советот на Европската Унија.
„Многу е важно Ирска, како земја претседавач, да покаже лидерство и Украина да може да смета на отворање на преостанатите преговарачки кластери“, додаде Зеленски.
Ирскиот премиер Михол Мартин порача дека во Киев допатувал за да ја изрази „цврстата и непоколеблива солидарност“ на Ирска и на Европската Унија со украинската влада и народ.
Воедно, Русија и Украина последен пат, со посредство на САД, одржаа три рунди мировни разговори во јануари и февруари. По тие средби, преговорите беа прекинати, а Москва и Киев застојот го припишуваат на насоченоста на американската дипломатија кон Иран и конфликтот на Блискиот Исток.
