Украинскиот претседател Володимир Зеленски се огласи на Твитер откако беше усвоена резолуцијата на Генералното собрание на ОН за осуда на нелегалната анексија на украинските региони од Русија и им се заблагодари на сите земји кои го поддржаа нејзиното усвојување.

– Им благодарам на секоја од 143-те земји кои ја поддржаа историската резолуција на ОН насловена Територијален интегритет на Украина: одбрана на принципите на Повелбата на ОН. Светот го кажа својот збор. Обидот за руска анексија е безвреден и никогаш нема да биде признаен од слободните народи. Украина ќе ја врати целата своја земја – рече Зеленски.

Генералното собрание на ОН го осуди обидот на Русија за незаконско припојување на четири делумно окупирани украински региони и ги повика сите земји да не го признаат потегот.

За резолуцијата со која се осудува руската нелегална анексија на украинските региони гласаа 143 земји, 33 земји беа воздржани, а уште четири заедно со Русија беа против оваа резолуција.