Најмалку три лица загинаа денеска во Украина, вклучително и две во Киев, во нов, голем руски напад, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Уште еден масовен напад врз нашата земја. Шест региони беа цел на непријателот“, напиша Зеленски на Телеграм.

Тој рече дека едно лице е убиено во Миколаев, во јужна Украина, и најмалку две во Киев.

– Русија изутринава лансираше 44 проектили и 20 беспилотни летала во напад на Украина, од кои две третини се уништени, изјави врховниот командант на вооружените сили на Украина Валериј Залужни.

„Украинските сили пресретнале 29 крстосувачки ракети и 15 беспилотни летала, соопшти Залужни преку апликацијата Телеграм.

Властите соопштија дека главниот град Киев е делумно без струја откако се оштетени два високонапонски водови.