Русија синоќа изврши неколку воздушни напади врз Киев, каде во тоа време престојуваше генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, кој се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Во своето доцна вечерно обраќање, Зеленски го осуди нападот, велејќи дека тоа „добро зборува за вистинскиот став на Русија кон глобалните институции“.

-Руските напади во другите градови низ земјата, вклучително и Фастив и Одеса, уште еднаш докажуваат дека не можеме да ја занемариме нашата будност. Не можеме да мислиме дека војната е завршена. Сè уште треба да се бориме. Сè уште треба да ги истераме окупаторите, рече Зеленски.

Украинскиот претседател нагласи дека е важно шефот на ОН да ги посети местата на масовните гробници во Бородјанка и во регионот на Киев „за да види со свои очи што таму направиле руските окупатори “.