Земјотрес со интензитет од 4 степени е регистриран денеска во турската провинција Кахраманмараш, каде беше епицентарот на разорните земјотреси со интензитет од 7,7 и 7,6 степени во февруари, јавија турските медиуми.
Земјотресот, регистриран од сеизмолошката опсерваторија Кандили во Истанбул, ја потресе областа денеска во 14 часот и 39 минути. Епицентарот бил во подрачјето на градот Пазарџик на длабочина од пет километри под површината на земјата.
Земјотресот бил почувствуван и во соседните области, пренесува електронското издание „Сон Дакика“.
Во Пазарџик беше и епицентарот на првиот од двата разорни земјотреси на 6 февруари. Тој земјотрес со интензитет од 7,7 степени беше проследен со уште еден земјотрес со интензитет од 7,6 степени девет часа подоцна, чиј епицентар беше во областа на градот Елбистан, исто така во провинцијата Кахраманмараш. Повеќе од 50.000 луѓе загинаа во потресите, а околу 115.000 беа повредени.