Трамп го искористи гафот на претседателот Бајден кој ги нарече неговите поддржувачите отпадоци. Облечен во портокалов елек се симна од авионот кој го носи неговото име и влезе во камион за смет.

„Како ви се допаѓа мојот камион за смет? Овој камион е во чест на Камала и Џо Бајден. Но, сакам само да ги потсетам дека 250 милиони луѓе, тоа е всушност вистинската бројка, 250 милиони луѓе ќе гласаат да ја направиме Америка повторно голема“, изјави Доналд Трамп, кандидат за претседател на САД.

Демократкат Харис одржа митинг пред Белата куќа, на местото каде што нејзиниот опонент Трамп во 2021-та ги повика своите поддржувачи да упаднат во Капитол Хил. Рече дека на земјата и се потребни големи промени со нова генерација лидери.

„Предолго сме втурнати во хаос и заемна недоверба. Да запреме со вперување на прстите и да ги вкрстиме рацете. Време е да свртиме страницата, време е за нова генерација лидери во Америка“, изјави Камала Харис, кандидатка за претседател на САД.

И двата табора водат енергична кампања за излезноста, бидејќи секој глас ќе биде важен. Американците поделени како никогаш досега. И републиканските и демократските поддржувачи ги сметаат овие избори како точка на пресвртница во која доколу победи другиот, нацијата нема да преживее.

„Ова е заедница каде што доминираат демократите, нам не ни даваат простор за изразување. Нема доволно републиканци за да направат баланс“, рече републикански гласач.

„Би сакал да има помалку поделба во земјава. Мислам дека е страшно да се шета во свет каде што луѓето се мразат едни со други“, вели демократски гласач.

„Трамп беше во право кога рече дека има добри луѓе на двете страни“, вели независен гласач.

Покрај големите предизвици во демократијата, економијата, меѓународната политика, овие избори се сметаат и за историски и поради тоа што, доколку победи Камала Харис, таа ќе биде првата жена претседател на Америка, а доколку победи Трамп тој ќе биде еден од ретките претседатели кој се вратил во Белата куќа по 4 годишна пауза.

Извор: МРТ