Зголемен број пациенти со висок крвен притисок
Пациенти со покачен крвен притисок во изминатиот период сè почесто ги полнат амбулантите на матичните лекари, пренесува МРТ.
Докторката Лилија Чолакова Дервишова предупредува дека и граѓаните и лекарите треба да бидат особено внимателни, бидејќи во овој дел од годината традиционално се бележи зголемен број на инфаркти и мозочни удари.
Настинки и инфекции, но без грип во ординациите
Покрај кардиоваскуларните пациенти, лекарите во изминатата недела прегледувале и лица со настинки, како и со бактериски и вирусни инфекции. Според Чолакова Дервишова, во нејзината ординација во текот на последната седмица немало пациенти со грип.
Сè уште нема влез во сезоната на грип
Податоците од Институтот за јавно здравје покажуваат дека сè уште не е достигнат прагот за влез во сезоната на грип. Минатата недела бројот на новоинфицирани бил за 15 проценти помал во споредба со претходната недела. Регистрирани се речиси 100 заболени од грип, при што најмногу случаи има во Куманово, Охрид и Тетово.
