Грција укина 1.203 бегалски статуси на државјани на Сирија, по донесена проценка дека одредени делови од Сирија повеќе не се сметаат за небезбедни, што им овозможува на властите да го преиспитаат веќе доделениот статус.
Со ова, грчките власти практично започнуваат процес на ревизија на заштитата што досега им беше гарантирана на бегалците од Сирија, особено на оние чии барања биле одобрени во претходните години. Овој чекор може да доведе до губење на правото на престој, социјална заштита и други основни права.
Од Министерството за миграција и азил наведуваат дека е постигнат видлив напредок во постапувањето со статусите за меѓународна заштита и дека официјалните бројки, според нив, покажуваат оти мерките што се спроведуваат даваат резултати.
Во соопштението се посочува и дека станува збор за континуиран и организиран пристап во примената на процедурите за меѓународна заштита. Дополнително, од Министерството оценуваат дека има конкретни резултати и во делот на доброволното враќање кон Сирија, што, според нив, ја потврдува успешноста на политиката што ја водат, како и активната позиција на Грција на европско ниво.
Одлуката доаѓа во поширок контекст на заострување на миграциските политики во Европската Унија, каде сè почесто се отвора прашањето дали одредени региони може да се третираат како „безбедни“, и покрај тоа што конфликтот во Сирија не е целосно завршен.
Критичарите предупредуваат дека ваквите мерки носат ризик од присилно враќање на луѓе во нестабилни услови, додека организациите за човекови права веќе подолго време укажуваат дека ситуацијата во Сирија останува комплексна и небезбедна за многу категории население.
Овој потег на Грција може да стане преседан и за други европски земји, особено ако се покаже како дел од поширока стратегија за намалување на бројот на лица под меѓународна заштита. Од Германија и Финска веќе биле вратени по 24 сириски државјани, од Бугарија 22, од Белгија шест, а останатите 13 се од други земји на ЕУ.
