Поголем проток на возила, особено на патиштата надвор од градовите

Интензитетот на сообраќај на патиштата низ Македонија, особено надвор од урбаните средини, е зголемен, предупредуваат од АМСМ. Сепак, на граничните премини од македонска страна засега нема подолги задржувања при влез и излез од државата.

Возачите се повикуваат да внимаваат, да возат со прилагодена брзина и да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација, особено на делниците низ котлини, речни долини и клисури, каде има ризик од појава на одрони. Најкритични делници се: Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Летни ограничувања за тешки товарни возила

• Од 1 јули до 31 август, стапува на сила летен времен режим за движење на тешки товарни возила (над 15 тони). Забраната важи во следните термини:

  • петок: од 17:00 до 22:00 часот

  • сабота: од 09:00 до 18:00 часот

  • недела: од 09:00 до 22:00 часот

Дополнително, во денови со екстремно високи температури (определени од Министерството за здравство), ограничувањето ќе важи и од понеделник до четврток, од 11:00 до 17:00 часот.

• Исклучоци од оваа забрана важат за возила што превезуваат живи животни, цвеќиња, хуманитарна помош, жито и житни култури, расиплива стока, нафта и опасни материјали, како и за оние што работат на државни патни проекти со ЈП за Државни патишта.

Специфичен режим на патот Скопје – Охрид – Скопје

• До 1 септември се воведува и дополнително ограничување за товарни возила над 7,5 тони на магистралниот пат А2 (Скопје – Охрид – Скопје), во следните термини:

  • петок: од 15:00 до 22:00 часот

  • сабота: од 07:00 до 12:00 и од 18:00 до 24:00 часот

  • недела: од 07:00 до 22:00 часот

Овој режим има за цел да се избегнат сообраќајни застои, особено на пат кон Охрид, најпосетуваната туристичка дестинација во државата.

Прекин на сообраќај и сезонски патен режим

• Мостот на реката Вардар кај Башино Село, на регионалниот пат Р1312, е целосно затворен за сообраќај.

• Патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица е отворен од 17 април 2025 година, но само за возила до 3,5 тони.