За еден сантиметар е зголемен водостојот на Преспанското Езеро, а нивоата на другите две природни езера во земјава се исти како вчера, покажуваат резултатите од последните мерења направени од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
И покрај тоа, водостојот на Преспанското Езеро е 1,98 метри понизок од просекот за март. Пониско од просечното, и тоа за 26 сантиметри е и нивото на Охридското Езеро, додека водостојот на Дојранското Езеро е за 2,41 метар повисок од повеќегодишниот просек за овој период од годината.
Пониски од просечните се и нивоата на поголем дел од реките во земјава и најчесто имаат благо зголемување или намалување на водостојот во споредба со вчера. Најголемо зголемување на нивото од 38 сантиметри во споредба со вчерашното има реката Треска на мерното место кај Македонски Брод, а најголемо намалување од шест сантиметри има Пчиња кај Катлановска Бања.