Рускиот претседател Владимир Путин предупреди дека никој во светот не може да даде цврсти гаранции дека нуклеарното оружје нема да биде употребено во иднина. Тој посочи дека водечките светски сили денес поседуваат арсенали со разорен потенцијал што може да предизвика уништување на животот на планетата или катастрофални глобални последици.
Говорејќи на меѓународниот форум „Валдај“, рускиот лидер испрати драматични пораки за моменталната безбедносна ситуација и ризиците од ескалација меѓу големите сили.
„Водечките земји во светот располагаат со оружје што може да го уништи целиот живот или барем да ја доведе Земјата до катастрофални последици. Можеме ли да бидеме сигурни дека ова оружје никогаш нема да биде употребено? За жал, не можеме да бидеме сигурни“, вели Владимир Путин.
Предупредувањето доаѓа во период на зголемени тензии помеѓу Москва и НАТО алијансата, особено околу статусот и поврзаноста на руската ексклава Калининград. Руските власти претходно порачаа дека е можна употреба на нуклеарни капацитети доколку западните сили се обидат да воведат изолација или блокада врз оваа територија.
Од друга страна, претставниците на НАТО категорично ги отфрлија руските тврдења за наводни планови за блокада на Калининград, потсетувајќи дека Алијансата има исклучиво одбранбен карактер.
Путин пред присутните на форумот децидно негираше дека Русија има агресивни намери кон европскиот континент во следните децении, но нагласи дека секој напад врз руска територија ќе наиде на целосен одговор.
Тој прецизираше дека Москва не планира напади врз ниту една европска држава во 2029, 2030 или 2050 година, но доколку руската држава биде директно загрозена, во одбраната ќе бидат активирани сите расположливи воени ресурси.
