Четириесетгодишен маж е осомничен дека во вторникот вечерта со остар предмет ја убил својата сопруга во Слатина, Хрватска, со која бил во бракоразводна постапка. Убиството се случило на роденденот на едно од нивните шест деца, а познаници на жртвата тврдат дека таа побарала полициска помош само еден час пред трагедијата.
Осомничениот денеска бил однесен во затвор во Бјеловар, по завршувањето на распитот пред обвинител во истиот град.
Според досегашните информации, жената била нападната со остар предмет. Полицијата го затекнала осомничениот на местото на настанот и веднаш го уапсила, додека увидот и истрагата на местото траеле до раните утрински часови.
Хрватските медиуми објавија дека 40-годишниот осомничен ѝ бил познат на полицијата и дека против него годинава била поднесена кривична пријава. Хрватскиот институт за социјална работа потврди дека семејството било опфатено со третман на институцијата и дека против мажот веќе биле преземени мерки за правна заштита на семејството.
Убиената жена остави шест деца, од кои четири се малолетни.
Познаници на жртвата и членови на нејзиното семејство тврдат дека таа пред убиството постојано предупредувала дека е во опасност и барала помош од институциите. Според нив, жената со месеци зборувала дека се плаши за себе и за децата и предупредувала дека може да се случи нешто сериозно.
Еден нејзин познаник тврди дека и претходно имало насилство во семејството.
– Ја претепал во јули, таа завршила во болница, по што започнала постапка за развод – изјавил тој за хрватските медиуми.
Според неговите тврдења, жената се обратила во полицијата непосредно пред да биде убиена.
– Еден час пред убиството, таа се јавила во полиција. Рекла дека се плаши, дека останале сами со него и дека треба да дојдат да го земат бидејќи бил пијан и насилен. Не излегле на терен – тврди познаникот на убиената жена.
Тој додава дека соседите подоцна повикале помош откако ги слушнале децата како врескаат, но дотогаш веќе било предоцна.
Роднините на жртвата упатија критики и до институциите за социјална помош, обвинувајќи ги дека не реагирале соодветно на нејзините претходни предупредувања.
– Истиот систем што месеци пред тоа ја обвинуваше за драматизирање и за претерување, велејќи дека децата мора да имаат контакт со својот татко и дека таа мора да комуницира со него, после сè, ги одзеде истите тие деца од нејзиното мртво тело и ги смести во згрижувачко семејство – тврдат роднините.
Поради прашањата што се отворија во јавноста за постапувањето на полицијата по повикот за помош, главниот директор на полицијата Никола Милина нареди итен вонреден надзор врз работата на Полициската станица Слатина. Во станицата бил испратен стручен тим од Управата на полицијата, кој треба да ја провери целата постапка.
„Вонредниот надзор ќе ја опфати целата полициска акција кон жртвата и осомничениот, вклучувајќи ја и акцијата од јули оваа година кога осомничениот беше пријавен за прекршок и за кривично дело, а особено акцијата по пријавата примена непосредно пред извршувањето на кривичното дело“, соопшти Полициската управа.
Градоначалникот на Слатина, Томо Томиќ, најави дека локалната заедница ќе му обезбеди помош на семејството.
– Сакам да изразам сочувство до семејството на трагично починатата дама, навистина голем, шокантен настан за градот Слатина, каде што сите се познаваме. Градот Слатина дефинитивно ќе се вклучи, каква било помош што му е потребна на семејството, бидејќи не е мало семејство – рече Томиќ.
