Европската Унија подготвува систем за одбрана од дронови

Европската Унија ја засилува својата одбрана поради неодамнешните инциденти со руски дронови во воздушните простори на Романија и Полска. Портпаролот на Европската комисија за одбрана, Тома Рение, истакна дека мерките вклучуваат и создавање на „ѕид од дронови“ за заштита на земјите членки.

„Тоj ќе служи за заштита од потенцијални напади со дронови на нашите земји од ‘првата линија’ и на Украина. Работата на создавањето на ‘ѕидот од дронови’ е во тек,“ рече Рение.

Тој додаде дека за ова прашање еврокомесарот за одбрана и Вселената, Андриус Кубилиус, веќе разговарал со земјите од „првата линија“, односно членките на ЕУ што се наоѓаат долж источната граница на блокот кон Русија, Белорусија и Украина.

„Сега тој ќе продолжи со својата работа со нив, за да се осигури дека можеме да го оствариме тој план, доколку навистина има интерес за него од земјите членки,“ нагласи Рение.

Тој додаде дека за реализација на некои суштински компоненти од овој проект би можеле да се користат и средства од инструментот Безбедносна акција за Европа (САФЕ), доколку некоја од земјите членки поднесе такво барање во рамки на плановите што треба да бидат доставени до Еврокомисијата најдоцна до 30 ноември.