Незадоволни и револтирани од, како што рекоа, нерешавањето на проблемот со недостигот на вода за пиење, попладнево жителите на село Долно Косоврасти, Дебарско, одржаа мирен протест и половина час го блокираа сообраќајот на патниот правец Дебар-Маврово, делница Дебар- Бошков Мост.

-Повеќе не се издржува. Проблемот со прекини во снабдувањето со вода за пиење е присутен со години ама сега речиси еден месец поголем број од дел од жителите во селото немаат пристап до вода, а другиот дел имаат вода, но со намален притисок што не е доволно за основни хигиенски потреби, се пожалија учесниците на протестот.

Велат дека жители кои се соочуваат со овој проблем повеќе пати се обраќале до раководството на ЈКП „Стандард” – Дебар, кое стопанисува со водоводот Росоки-Дебар, од кој со вода се снабдува и Косоврасти, но „за жал од таму нема слух за решавање на проблемот”.

-Се обративме и до Државниот комунален инспекторат – Скопје, а потоа по нивни насоки и до комуналниот инспектор во Дебар – Алтин Фетаху пред една недела, но за жал проблемот сè уште е присутен. Доколку и по денешното предупредување не се стори ништо ако е потребно ќе поднесеме колективна тужба и ќе ги радкализираме протестите, велат дел од стотината насобрани граѓани.

Додаваат дека според Законот за води, секое комунално претпријатие кое стопанисува со вода е должно во рок од 12 часа да обезбеди вода за пиење и за други неопходни потреби, а во „нашиов случај речиси  еден месец ни е прекршено основното човеково право гарантирано со Уставот на Република Северна Македонија”. Од таа причина тие испратиле пријава и до Народниот правобранител на Република Северна Македонија.

Од друга страна градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука, изјави за МИА, дека во разговор со претседателот на месната заедница му е речено дека вода немаат само неколку домаќинства.

-До мене воопшто не се обрати никој. Од социјалните мрежи разбрав за „незадоволството”. Можам да потврдам дека вработените на „Стандард” интензивно работат во надминување на одредени проблеми но и финализирањето на изградбата на новиот резервоар во селото во кој, со наше залагање обезбедивме 4 милиони денари од министертвото за животна средина и просторно планирање, секако со дополнителни средства од општината, рече Дука за МИА.

Посочува дека за него приоритет е вода за пиење да има, не само за жителите на ова тку и за сите населени места како и за градот и оти максимално се залага за тоа што дава и резултатите.

-Јас сум градоначалник на сите жители на градот и мој главен проритет е да се обезбедат потребни услови за сите подеднакво, посочи тој, најавувајќи дека новиот резервоар во селото ќе биде пуштен во употреба за неколку дена.