Македонија го освои првиот златен медал на Европското кик-бокс првенство за сениори што се одржува во Скопје, откако репрезентативецот Нелсон Узеир извојува победа во финалната борба против српскиот претставник Милош Даковиќ со судиска одлука од 2-1.

Узеир за време на борбата прикажа високо ниво на храброст, борбеност и пожртвуваност, влегувајќи максимално ангажирано во секоја размена на удари и сосема заслужено дојде до највредниот резултат во својата досегашна спортска кариера. Со освојувањето на најсјајното одличје, тој застана на самиот европски трон и донесе исклучително голема радост за македонскиот кик-бокс спорт.

Непосредно пред ова финале, македонскиот борец Силвио Мировски не успеа да стигне до златниот медал, откако во финалната пресметка беше совладан од репрезентативецот на Црна Гора, Немања Чадењовиќ, со резултат 1-2, освојувајќи го сребреното одличје.

Македонската кик-бокс селекција го заокружува овој шампионат со вкупен биланс од девет освоени медали, меѓу кои се вбројуваат едно златно, две сребрени и шест бронзени одличја на домашен терен.

Освен европскиот првак Нелсон Узеир, со сребрени медали од натпреварувањето се закитија Силвио Мировски и Стефан Михајловски, додека бронзените признанија на првенството им припаднаа на Петар Велков, Наум Додевски, Марија Димовска, Теа Велковска, Викторија Варадинова и Анастасија Јанчевска.