Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против М.Д., во својство на поранешен претседател на Стоматолошката комора на Македонија, К.П. во својство на претседател и Л.Е., К.З., А.Д. и Г.Ќ.Ч. во својство на членови на Комисијата за стручни стоматолошки прашања поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело “Злоупотреба на службената положба и овластување” од член 353 од КЗ на Република Северна Македонија.
„Првопријавениот М.Д., пречекорувајќи ги границите на службените овластувања доверени од Министерството за здравство за издавање, обновување, продолжување и одземање лиценци за работа на доктори по стоматологија, свесно и со однапред утврдена намера склучувал договори со непостоечки здруженија за спроведување облици на континуирано стручно усовршување преку кои докторите по стоматологија стекнувале бодови за обновување на лиценците.
Воедно, првопријавениот бил основач, овластен потписник на банкарските сметки и еден од фактичките управители на ДДДММ – Друштво на доктори по дентална медицина на Македонија – Куманово, преку кое го изигрувал системот, постапувајќи спротивно на Правилникот за континуирано стручно усовршување и Законот за здравствена заштита
Во координација со останатите пријавени, биле издавани решенија и склучувани договори со цел спроведување на поголем број на настани годишно од она што е пропишано во Правилникот, овозможувајќи им имотна корист за ДДДММ, Македонското стоматолошко друштво и Стоматолошкото друштво на Албанците, на чии банкарски сметки се исплатувале средствата од котизациите на докторите по стоматологија за сите противправно акредитирани и реализирани настани, а за таа цел здруженијата во нивен состав намерно не биле регистрирани како посебни правни лица.
Со горенаведените противправни дејствија, пријавените оствариле имотна корист за друштвата ДДДММ друштво на доктори на дентална медицина на Македонија, Македонско Стоматолошко друштво и Стоматолошко Друштво на Албанците во вкупен износ од 31.969.250,00 денари.
