На митингот во Могила, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски, ја критикуваше опозициската СДСМ, оценувајќи дека раководството ја довело партијата „под биолошкиот минимум“ и дека по локалните избори ќе следат реконструкции и промени.

„Ќе издвојам две политички пораки кои тие во оваа кампања во овие неколку дена ги артикулираат на нивните собири, нивните митинзи. За волја на вистината едвај се собираат. Оваа раководство во СДСМ ја доведе партијата под биолошкиот минимум, под 150 илјади гласа и мислам дека на овие избори ќе се борат жестоко да освојат помеѓу 120 и 130 илјади гласа. Но тој е нивен проблем. Очекувам после овие избори да има таму катарза, реконструкција и нови млади сили коишто ќе донесат нова енергија, кои ќе бидат конструктивна опозиција и ќе работиме заедно на основа на идеи, аргументи, проекти и визија, а не на црна кампања,“ рече Мицкоски.

Тој посочи дека првата порака од СДСМ во оваа кампања е документот наречен „резолуција“ со така наречени „црвени линии“.

„Првата порака кои тие ја испратија на оваа кампања, па и пред тоа, беше изготвениот документ кои тие го нарекоа резолуција на СДСМ со така наречени црвени линии. Зарем некој денеска, во Македонија може да верува дека СДСМ може да биде патриот и да има црвени линии? Но зад тој документ се крие, прво тоа што ги уриваат тешко повратените минимални, но повратени национални и државни позиции кои владата ги направи изминатите 15 месеци. И второ, тие имаат уште еден подарок за нашиот источен сосед, а тој подарок кој е? Вели претседателот на СДСМ вели еве уште еднаш да ја свиткаме кичмата, без да добиеме ништо, нашите во Пиринска Македонија не нè интересираат,“ посочи Мицкоски.

Како втора порака, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ја наведе, како што рече, заштитата на луѓето блиски до СДСМ и ДУИ во правосудството.

„Јас испратив една порака и реков дека ние немаме намера да ги поддржуваме тие малкумина корумпирани аргати и лакеи на СДСМ и ДУИ во судството и обвинителството и рековме и овие плати кои ги земаат не ги заслужуваат. Тие не почекаа ни еден ден да помине, уште истиот ден се изредија во првите редови ги бранат ли ги бранат,“ рече Мицкоски, додавајќи дека МВР има подготвено предмети со докази, но судството и обвинителството ги чуваат во фиоки.

Мицкоски заврши со повик за масовно излегување на изборите.

„Со масовно гласање за број 9 и за ВМРО-ДПМНЕ се прави вистинскиот избор, за твојот човек, за твоето место и за твојата иднина, за да се стави конечно ред и да дојде правда во државата,“ порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.