Караванот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, организиран под мотото „Европска ЗНАМ, Европска иднина, Европска Македонија“, продолжи во Битола.
Од партијата го посочија градот како еден од најзначајните центри во Пелагонискиот Регион, препознатлив по своето историско наследство, културата, традицијата, образовниот развој и современиот потенцијал.
Димитриевски: Европска Македонија е начин на организирање на државата
На панел-дискусијата се обрати претседателот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, кој истакна дека основната обврска на секоја одговорна политика е да создаде држава во која граѓаните ќе имаат сигурност, еднакви можности и доверба во институциите.
Тој порача дека европска Македонија не претставува само политичка цел, туку и начин на кој треба да биде организирана државата, со функционални институции, еднаква правда и економија што создава можности за развој.
Според Димитриевски, Македонија треба да биде успешна и самоуверена држава која ги заштитува националните интереси и достоинствено се движи кон Европа.
Непосредната комуникација со граѓаните како главна сила
Димитриевски нагласи дека ЗНАМ е политички субјект создаден од граѓаните и дека непосредната комуникација со нив претставува една од најголемите сили на движењето.
Тој истакна дека довербата не се стекнува само со зборови, туку се заслужува преку работа, одговорност и конкретни резултати што граѓаните можат да ги почувствуваат.
На панел-дискусијата говореа и претседавачот на Централниот одбор на ЗНАМ, Игор Филков, како и потпретседателот на партијата, државен секретар и кандидат за министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски.
Фокус на правосудството и земјоделството
Филков се осврна на реформите во правосудството, владеењето на правото и зајакнувањето на институционалната одговорност. Според него, силните институции и еднаквата примена на законите се основа за стабилна и европска држава.
Серафимовски зборуваше за состојбите и предизвиците во земјоделството, нагласувајќи ја потребата од поголема поддршка за земјоделските производители, подобри услови за работа и поголема сигурност за луѓето вклучени во домашното производство и развојот на руралните средини.
Од ЗНАМ порачаа дека остануваат посветени на визијата за модерна европска Македонија, со силни институции, стабилен правен поредок, развиена економија, конкурентно земјоделство и еднакви можности за сите граѓани.
