Здружението на новинарите на Македонија бара Основното јавно обвинителство и Судскиот совет без одлагање да утврдат одговорност за неизвршувањето на одлуката на Уставниот суд во случајот со новинарката Наташа Стојановска.
Уставниот суд утврдил дека Основниот граѓански суд Скопје не ја извршил одлуката со која на Стојановска ѝ била утврдена повреда на слободата на јавно изразување во врска со настаните во Собранието од 27 април 2017 година.
Стојановска, преку правниот застапник на ЗНМ, претходно побарала судска заштита бидејќи државата не обезбедила соодветна заштита додека известувала од Собранието. Основниот граѓански суд и Апелациониот суд не утврдиле повреда на нејзината слобода на изразување, по што случајот стигнал до Уставниот суд.
Од ЗНМ посочуваат дека одговорноста сега е кај ОЈО и Судскиот совет и очекуваат двете институции веднаш да постапат по известувањето на Уставниот суд. Здружението бара да се утврди одговорност, а доколку се исполнети законските услови, да следуваат и соодветни санкции за судијата кој не ја извршил конечната и задолжителна одлука.
Според ЗНМ, независноста на судството подразбира и одговорност, како и почитување на одлуките на Уставниот суд. Оттаму нагласуваат дека неизвршувањето одлука со која е утврдена повреда на уставно загарантирано право на новинар не смее да остане без институционална реакција.
Здружението најави дека внимателно ќе го следи постапувањето на ОЈО и Судскиот совет, како и исходот од постапките што ќе следуваат.
Случајот на Наташа Стојановска е еден од случаите поврзани со настаните во Собранието на 27 април 2017 година, кога новинари и медиумски работници биле изложени на насилство, закани и попречување при извршувањето на професионалните задачи.
Од ЗНМ потсетуваат дека следната година ќе се навршат десет години од тие настани, а дел од новинарите чии права биле повредени сè уште немаат конечна и ефективна правна разрешница.
Здружението најавува дека ќе продолжи да обезбедува бесплатна правна помош и адвокатско застапување за новинарите чии права биле повредени. Доколку домашниот правен систем не обезбеди соодветна и ефективна заштита, ќе продолжат да ги користат расположливите правни механизми и пред Европскиот суд за човекови права.
