Енергетската независност станува приоритет за многу земји, а за Северна Македонија, која се соочува со предизвици во снабдувањето со енергија и зголемените увозни цени, оваа цел има стратешко значење. Енергетскиот сектор земјава во моментов е зависен од увоз, особено на фосилни горива и гас. Во изминатите години Македонија увезуваше значителен дел од електричната енергија, што доведе до финансиски оптоварувања и изложеност на надворешни економски ризици, особено за време на глобални енергетски кризи.
Експертите се согласни дека за да постигне енергетска независност, Северна Македонија мора да спроведе неколку клучни мерки. Покрај модернизација и диверзификација на енергетските капацитети и поврзувањето со соседните земји и енергетските пазари на ЕУ, посебноместо зазема потребата од инвестирање во обновливи извори на енергија. Со зголемените барања за енергетска безбедност, инвестициите во обновливи извори на енергија може да донесат стабилност, самоодржливост и намалување на зависноста од странски извори.
Македонија има значителен потенцијал за развој на обновливи извори на енергија. Студиите покажуваат дека Македонија може да задоволи до 70% од потребите за електрична енергија, особено во секторите на соларна енергија, ветер, хидроенергија и биомаса. Со над 280 сончеви денови годишно, земјата е исклучително погодна за развој на соларни централи. Просечното годишно зрачење во земјата надминува 1500 kWh/m², што обезбедува стабилен и долготраен извор на енергија. Соларните паркови во сончевите региони, како што се јужниот и југозападниот дел на земјата, можат да придонесат за значително намалување на зависноста од увезената енергија и да и овозможат на земјата да обезбеди чист и одржлив извор на електрична енергија.
Земјата има и бројни ветровити локации, особено во планинските и ридските предели, како што е регионот на границата со Грција и во близина на Вардарската долина. Тука е секако и хидропотенцијалот кој веќе веќе се користи како дел од енергетската мрежа, но има простор за понатамошен развој, а секако не треба да се заборават и дарежливите резерви на биомаса, особено од земјоделски отпад, што може да се користи за производство на енергија. Користењето на биомаса може да придонесе не само за енергетска ефикасност, туку и за намалување на отпадот и управување со животната средина.
Според министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, обновливите извори на енергија не се само начин за намалување на зависноста од увоз, туку и можност за отворање нови работни места и обезбедување пониски цени на енергијата за потрошувачите на долг рок.
„За Македонија, енергетската независност не е само цел, туку и неопходност во време на економски и климатски предизвици. Со инвестиции во обновливи извори, модернизација на капацитетите и стратешки партнерства, можеме да постигнеме стабилност во снабдувањето со енергија, намалување на трошоците и одржливост на животната средина. Нашата земја има исклучителни климатски и географски услови за развој на овие капацитети и затоа ќе продолжиме да ги користиме со цел обезбедување поодржлива иднина за нашите граѓани“, вели Божиновска
Македонија последниве години почна да привлекува интерес на странски инвеститори во секторот на обновливите извори на енергија. Проектите како соларниот парк на француската компанија „Акуо Енерџи“ се многу важен чекор кон енергетската независност и се добар пример за тоа како странските инвестиции можат да помогнат да се искористи потенцијалот. Сончевиот парк кој ќе биде со капацитет 400 мегавати и со годишно производство од околу 650 гигават-часови електрична енергија ќе може да обезбеди значителен процент од потребите за електрична енергија на земјата. Исто така, со поддршка на ЕУ и други меѓународни партнери, овој проект може да придонесе за понатамошен развој на енергетската инфраструктура и да ја направи Македонија лидер во регионот во областа на зелената енергија.