-
„Вкупната сума на инвестиции што ја вклучуваат овие иницијални мерки ќе биде над 10,6 милијарди евра,“ изјави премиерот Санчез.
Во поплавите што се случија пред една недела загинаа 218 лица, а уништен е огромен дел од имотот и инфраструктурата. Премиерот нагласи дека во последните 72 часа шпанската влада распоредила дополнителни сили во погодените подрачја, зголемувајќи го бројот на војници и полицајци на 14.898, од првичните 7.300. Покрај тоа, испратени се и 287 шумски чувари, 100 цариници и 600 специјализирани машини за испумпување на водата, расчистување на теренот и обезбедување помош на населението погодено од поплавите.
-
„Бројот на лица кои се испратени од страна на шпанската влада, вклучително и војници, припадници на националната полиција и цивилната гарда, е зголемен од 7.300 на 14.898, на кои им се придружија 287 шумски чувари, околу 100 царински службеници, како и 600 машини за испумпување, расчистување и снабдување на погодените зони,“ нагласи Санчез.
Итни мерки за финансиска поддршка поради поплавите во погодените подрачја
Вклучувајќи директна помош и фискални олеснувања, овој пакет ќе обезбеди поддршка за околу 65.000 работници и 30.000 компании погодени од поплавите. Дополнително, Санчез најави воспоставување на кредитна линија од пет милијарди евра, достапна за мали и средни претпријатија, независни работници и семејства, слична на кредитната поддршка која беше имплементирана за време на пандемијата.
-
„Овој пакет опфаќа директна помош заедно со даночни олеснувања за компаниите и за граѓаните. Поддршка ќе добијат 65.000 вработени и околу 30.000 фирми погодени од поплавите,“ истакна Санчез.
Прогласена состојба на природна катастрофа и покривање на трошоци
Со официјалното прогласување на состојба на природна катастрофа во погодените региони, владата се обврзува да покрие 100% од трошоците за расчистување на улиците и обезбедување на основни потреби за локалните жители погодени од поплавите. Оваа обврска вклучува и поддршка за општините за побрзо справување со последиците од катастрофата, а се наменети средства за инфраструктурни интервенции во насока на подобрување на безбедноста на населените места и патните мрежи.
Долгорочен план за реконструкција на погодените подрачја
Покрај краткорочните мерки, премиерот Санчез потенцираше дека владата работи на долгорочен план за реконструкција на погодените подрачја, кој е неопходен за прилагодување на регионот кон новите климатски предизвици и спречување на идни поплави.