Со порака дека ќе се борат за своите права и за тоа да бидат она што се – Македонци, припадниците на македонската заедница во Бугарија денеска го чествуваа споменот на Јане Сандански. На собирот во градот Мелник, пред споменикот на Сандански, беше одржан народен собир на кој учествуваа Македонците од Бугарија, припадници на ОМО „Илинден – Пирин“, како и гости од Македонија и други земји.

Собирот го обезбедуваа зајакнати сили на бугарската полиција, но немаше проблеми за време на настанот. Присутните го одбележаа 110-годишниот спомен на убиството на царот на Пиринот – Јане Сандански.

Пред присутните се обрати Стојко Стојков, копретседател на ОМО „Илинден – Пирин“.

„Јане остави големо политичко и идејно наследство, кое е живо и денес. Да не се плашиме од тиранијата, да се бориме за своите права, да бидеме она што сме – Македонци. Да ја сакаме Македонија и да не мразиме ниту еден народ“, порача Стојков.

Тој додаде дека идејата на Јане била за слобода, правда и обединување на народите, а не за цепење територии. Стојков истакна дека ниту тогаш ниту денес Македонците од Бугарија не сакаат да земаат нешто што не им припаѓа, туку бараат достоинство и рамноправност.

Стојков потсети дека во Бугарија официјално се негира македонскиот идентитет на Јане Сандански.


„Се негираат неговите идеи и се обидуваат да го избришат неговиот дух. Зошто? Затоа што признавањето на Јане како Македонец значи признавање на постоењето на македонскиот народ“, посочи Стојков.

Во своето обраќање, Стојков порача дека Македонците во Бугарија сакаат само едно – вистина, правда и достоинство.

  • „Да бидеме Македонци и да бидеме рамноправни граѓани на Бугарија и Европската Унија. Да почитуваме и да бидеме почитувани“, потенцираше тој.

Стојков ја заврши пораката со мислите што го инспирирале и Јане Сандански:

„Робот се бори за слобода, слободниот за совршенство. Народите се браќа и како браќа треба да живеат.“

„Ние секој ден ја избираме вистината, слободата и правдата. И додека сме живи – ќе се бориме!“, заклучи Стојков.