– А бре луѓе, не губете си го времето да го решавате прашањето ќе има ли востание или не, зашто тоа е решено – битти даваси! Говорете сега за востание, како да го направиме и кога, но не по ден и по време, се зборовите кои според сеќавањето на Пандо Књашев ги кажал идеологот на ВМРО, Даме Груев, кога настанала напната атмосфера дали да се дига востание или не.
Смилевски конгрес – конгрес на Битолскиот револуционерен округ започнал на 2 и траел до 7 мај 1903 година. На Конгресот бил ставен крај на полемиките за востанието и било решено да се крене во Битолскиот револуционерен округ, а со тоа и во цела Македонија и Одринско.
Најпознатите војводи на едно место
Најголемиот број од делегатите уште на 30 април се собрале во Смилево, а соселаните на Груев ја сфатиле честа како и одговорноста од престојот на такво мноштво на револуционерни првенци во нивното село.
Месното раководно тело, на чело со претседателот Георги Чуранов, го мобилизирал целото село и на сите мажи и жени им доверил соодветни задачи. Еден дел од вооруженато месно население, деноноќно ја вардело целата околина, а стотина вооружени смилевци биле на нозе внатре во селото. Одделенија од по 3-4 четници биле поставени по сите соседни села на Смилево. Невидливи стражари од сите села меѓу Смилево и Битола деноноќно внимавале, формирајќи жив телеграф за предавање на било какво сомнително движење откај вилаетскиот центар.
Сите раководни тела по тие села знаеле, дека во Смилево се собрани најголемите војводи.
Даме Груев набрзо по средбата со Гоце Делчев го напуштил Солун и преку Битола, каде што се состанал со членовите на Окружниот комитет, се упатил кон родното Смилево. Груев бил овластен на конгресот да го претставува ЦК на Организацијата. Реоните биле претставувани од: Битолскиот од Ѓорѓи Сугарев од Битола, Парашкев Цветков од Плевен, Никола Петров – Русински од Малешевско, Демирхисарскиот од Јордан Пиперката и Димитар Матлиев, охриѓанец, Крушевскиот од Никола Карев од Крушево и Иванчо од Латово, Кичевскиот од свештеник Тома Николов, Димитар Спространов, Васил Попов и од војводите Арсо, Јанаки и Ванчо Мицкови, Прилепскиот од Петар Ацев, Јордан Тренков и Тале Христов, Ресенскиот од Славејко Арсов од Штип, Никола Кокарев, потпоручникот Велјан Илиев (познат под псевдонимот Пенчо) од с. Смилево, Леринскиот од Георги Папанчев од Сливен и Михаил Чеков од с. Екшису, Леринско, Костурскиот од Васил Чекаларов и Пандо Кљашев, Охридскиот од Лука Групчев и Христо Узунов (и двајцата охриѓани), Тасе Хростов, Дејан Димитров (Мицковски) и Аргир Маринчев.
Дневен ред на Конгресот
По предлог на Борис Сарафов, за претседател бил избран Даме Груев. За секретари биле посочени и прифатени Георги Поп Христов и Парашкев Цветков. За дневен ред на конгресот биле поставени следниве точки: 1. Распределбата на војничките и моралните сили; 2. Подготвувањето до и за време на востанието; 3. Должностите и правата на началничкиот персонал до и за време на востанието; 4. Што да се прави со невооружените и неспособни луѓе – старците, жените и децата за време на востанието; 5. Кој е стопан на оружјето; 6. Рамномерното распоредување на оружјето; 7. Определување на времето за востание.
Смилевскиот конгрес, како конгрес на Битолскиот округ, според решенијата донесени во Солун, требало дефинитивно да ја потврди одлуката за кревање востание. Се развила остра дискусија, во која се јавила струја која сметала дека условите за сенароден бунт, се уште, не се созреани.
На првиот ден од конгресот од излагањето на делегатите било утврдено дека Прилепскиот, Битолскиот, Кичевскиот и некои делови на други реони не се доволно подготвени.
Најдобро подготвени биле Ресенскиот реон, Костурскиот, Демирхисарскиот, неколку села од Битолскиот реон, како што се Смилево, Ѓавато и Цапари, додека Охридско располагало само со 1.400 пушки.
Меѓу делегатите се јавиле лица кои биле против востание во текот на таа година: Ѓорѓи Сугарев, Петар Ацев, Тале Христов, Никола Карев, Никола Петров Русински и други. Несогласувањата ги прекинал Даме Груев, кој како еден од основачите на ТМОРО и претставник на неговиот Централен комитет, уживал огромен авторитет. Според сеќавањата на Пандо Кљашев, тој рекол:
„А бре луѓе, не губете си го времето да го решавате прашањето ќе има ли востание или не, зашто тоа е решено – битти даваси! Говорете сега за востание, како да го направиме и кога, но не по ден и по време“.
Востанички дисциплински суд
Конгресот натаму ја насочил дискусијата кон практични прашања.
Бил избран Главен штаб со тројца рамноправни членови: Даме Груев, Борис Сарафов и Анастас Лозанчев. Конгресот го задолжил Главниот штаб да го одреди и датумот на востание.
Бил изработен Востанички дисциплински устав, со кој се определувале правата и должностите на востаниците, на реонските горски начелства и на ГШ.
Според тоа, сите востанички сили се распределувале на востаници десетари, војводи, горски реонски тела и Главен штаб. Било решено секој што купил оружје да се третира како негов сопственик, но ако е неспособен да го употреби, должен е да му го предаде на друг, кој е во состојба да го употреби во востаничките денови.
Во реоните се предвидувало формирање чети од 30 до 50 души, како и тајно увежбување на востаниците. Што се однесува до обезбедувањето храна, таа требало да се собира доколку дозволуваат месните услови. Начинот на нејзиното собирање пред почетокот на востанието бил доброволен, со убедување, а за време на востанието со принуда, со тоа што ќе му се издаде на стопанот за земеното од него расписка, потпечатена со окружниот печат и потпишана најмалку од еден од раководителите началници.
Првиот ден било решено по однос на правата и должностите на началничкиот персонал да се изработи специјален востанички дисциплински устав.
Во однос на стратегијата и начинот на водење на Востанието, било решено тоа да биде општо, односно да се кренат сите окрузи, а да се води на партизански начин, со оглед на тоа дека само еден дел од населението е вооружен.
Освен тоа, било решено на денот на Востанието да се кренат сите вооружени сили по реоните како чети, а четите требало да ги прекинуваат патните, телеграфските и поштенските врски, да ги разоружуваат османлиите, да ги напаѓаат државните згради, да напаѓаат (според можностите) секоја турска вооружена единица, да ги бранат христијаните, вклучувајќи ги и туѓите поданици од турски напади.
Било забрането да се напаѓа мирното население и да се посега по турски жени, деца и старци. Било предвидено четите да дејствуваат поединечно, а во случај на потреба да се здружуваат две до три чети и, по извршената акција, да се растураат. Последниот ден бил прифатен Уставот и било решено Главниот штаб да го определи денот на Востанието.
На последното IV заседание, Конгресот го усвоил Востаничкиот дисциплински устав кој бил изработен од Борис Сарафов и Димитар Дечев.
Проглас за востанието од Боишта
Дисциплинскиот устав го определувал Главниот (Генерален) штаб како врховно раководно тело на Востанието, односно, како врховен заповедник на сите вооружени сили, но и највисок орган на власта на востаничката територија.
Тој е орган што раководи со востанието и сите вооружени единици стојат под негово заповедништво. Меѓународната активност на востаниците, исто така, се одвивала преку Главниот штаб – тој бил единствено овластен да води преговори со надворешни сили, како и со непријателот.
Конгресот донел одлука Битолскиот револуционерен округ да се подели на 10 револуционерни реони: Битолски, Лерински, Кичевски, Демихисарски, Костурски, Преспанки, Ресенски, Охридски, Крушевски и Прилепски. За секој реон било избрано горско начелство од 3 до 5 члена. Според Протоколот од Конгресот, горските начелства се распоредени на следниот начин:
Битолски- Пелистерски реон: Георги Сугарев; Смилевски реон: П. Цветков; Иван Делев и Георги Павлов; Лерински: Георги Папанчев, Лечо и Коста Груев; Костурски: Васил Чакаларов, Пандо Кљашев, Лазар Поп Трајков, Манол Розов и Михаил Николов; Преспански: Никола Кокарев, Веле Илиев и Наум Фотев; Ресенски: Славејко Арсов, Драган Петков, Александар Панајотов; Охридски: Христо Узунов, Андон Кецкаров, Наум Чакаров, Наум Анастасов и Димитар Стојков; Кичевски реон- Горно и Долно Копачко и Долна река – Лука Ѓеров, Јанаки Јанев, Арсо Мицов; Рабетинскол и Пороче: Георги Пешков, Ванче Мичуков, Јанаки Петров (Ирландски) Цветан од с. Световраче; Демир Хисарско: Јордан Пиперката, Георги Поп Христов, П. Кузман, Христо Пасков; Крушевски: Тома Никлев, Никола Карев, Тодор Христов (офицер); Прилепски: Петар Ацев, Веле Христов, Ордан Тренков, Никола Петров.
Смилевскиот конгрес ја завршил својата работа длабоко во ноќта на 7 мај 1903 година. На 27 јули кај селото Буф (Леринско) ГШ како ден за објавување на востанието го определил 2 август.
На 28 јули од демирхисарското село Боиште, Штабот преку брзи курири испраќа проглас за востанието во сите краишта на Битолскиот револуционерен округ.
Поради напаѓањето на патничките, железничките, телеграфските и поштенските врски била испратена декларација до Големите сили да не патуваат нивни граѓани на железницата Битола – Солун, за да не дојде до несакани жртви.